Социјалната мрежа Линкедин, насочена за развивање на кариерата и пронаоѓање работа, тестира нова опција која би можела да им помогне на корисниците да пронајдат потенцијални ментори, и обратно – менторите да ги пронајдат оние што се заинтересирани да научат од нив.

Овој бесплатен сервис засега може да го користат само некои корисници, но ќе биде достапен за сите до крајот на летото, изјави претставник на оваа компанија.

Еве како ќе функционира:

– На вашиот профил, во одделот „your dashboard“, можете да пристапите на опцијата „career advice hub“.

– Можете да се пријавите како ментор или ученик.

– Потребно е да дадете детали за тоа со кого би сакале да се поврзете, на пример, која област на индустрија или образование ве интересира и каков совет би сакале да дадете или да добиете.

– Линкедин ќе има алгоритам кој ќе ви препорача одредени луѓе. Вие треба да изберете една личност, и таа личност ќе добие порака дека сакате да се поврзете. Ако менторот и ученикот се согласат, можат да започнат комуникација, и тоа не мора да биде преку оваа социјална платформа.

Хари Сринивасан, директор на управување со производи во Линкедин, вели дека оваа социјална мрежа развива содржина за да им помогне на корисниците да даваат и да добиваат корисни бизнис-совети.

Оваа платформа би можела да им помогне на сите оние на кои им е потребен совет поврзан со работата и кариерата.

Многу успешни милијардери се согласуваат со едно – ако сакате да напредувате, потребен ви е ментор, некој што ќе може да ви даде повратни информации како работите, што би требало да подобрите, на што повеќе да обрнете внимание и слично. Така со сигурност ќе знаете дали сте на добар пат.