Групата Radiohead е позната по своите експерименти, а овој пат фановите ги почести со вистински ретро-специјалитет

Англискиот рок бенд Radiohead, кој често експериментира со електронска музика, оваа недела слави 20-годишнина од издавањето на својот култен албум OK Computer. По повод оваа годишнина, бендот одлучи своите фанови да ги почести со единствено издание на албумот кое најмногу ќе ги развесели оние носталгичните, но и љубителите на технологијата.

Ова славеничко издание на OK Computer се испорачува во посебно изработено уметничко пакување, во кое има три винилни плочи со оригиналните песни и неколку необјавени композиции. Тука е и посебната книга посветена на бендот и албумот, но и она најинтересно за нас, аудио касета со архивски и демо снимки на бендот. Но, на касетата се наоѓа и скриен дел – програм за ZX Spectrum.

Секако, фановите на Radiohead  и технологијата веќе го открија овој “easter egg” на албумот и го стартуваа во ZX Spectrum емулаторот. Открија 30-тина линии на програмски код кој го испишува славеничкиот текст,  името на членовите на бендот, како и неколку криптични пораки. Потоа следи екстатично музицирање произведено преку 8-битен ретро компјутер, проследено со шаренило на бои, од кое не би се засрамил ни Анди Ворхол во својата најлуда фаза на творештво.

Целиот албум „OK Computer OKNOTOK 1997-2017“ може да се нарача преку Интернет за 100 фунти во физички облик, а може да се купи и цо целосно дигитален формат. Аудио касетата во тој случај за потполно доживување ќе морате самите да ја набавите и на неа да ги преснимите архивските записи.