Британскиот физичар Стивен Хокинг ја предупреди јавноста дека луѓето мора да пронајдат друг дом некаде во вселената во следните 200 до 500 години, доколку преживеат до тогаш.

Тој се осврна на големите климатски промени со кои што се соочува нашата планета Земја и одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече Соединетите Американски Држави од договорот за климатските промени кој што беше потпишан во Париз.

„Не ја негирам важноста за сузбивање на климатските промени и глобалното затоплување, за разлика од Доналд Трамп кој ја донесе најлошата одлука која што светот ја видел некогаш“, изјави британскиот физичар Стивен Хокинг.

Хокинг ги повика водечките нации во светот да испратат свои астронаути на Месечината до 2020-та година за истражувањата на вселената повторно да бидат започнати. Тој нагласи дека во следните 30 години треба да биде изградена лунарна база и на луѓето до 2025-та година да им биде овозможено да летаат на Месечината.

„Ширењето на вселената целосно ќе ја промени идината на човештвото. Се надевам дека единствената цел ќе ги обедини конкурентните нации, со цел заедно да се соочиме со предизвиците кои што се пред нас. Новиот и амбициозен план би ги заинтересирал младите луѓе за области како астрофизиката“.

Хокинг изјави дека Земјата е толку загрозена во толку многу сфери, така што му е тешко да остане позитивен: „Заканите се многу големи и многу бројни, а нашите физички ресурси се исушени со алармантна брзина“.

Професор Хокинг моментално работи со рускиот милијардер Јуриј Милнер на проектот наречен “Breakthrough Starshot” кој што има за цел да испрати мало вселенско летало до најблискиот галактички „сосед“ Алфа Кентауриј и тоа со брзина која што е многу поголема од таа што можевме да ја постигнеме досега.

 

Минијатурниот сателит ќе биде наведуван ласерски од Земјата, а до своето одредиште треба да пристигне во следните 20 години: „Време е да истражиме други соларни системи. Уверен сум дека луѓето мора да ја напуштат Земјата“, изјави Хокинг.

„Колонизацијата на другите планети повеќе не е научна фантастика, сега станува научен факт. Ако човештвото продолжи да живее во следните милион години, тогаш нашата иднина ќе биде чекорење по тло на кое што никој досега не стапнал“, изјави британскиот физичар Стивен Хокинг.