Малиот технолошки стартап Nativ го претстави новиот уред – Vita. Иако на прв поглед се чини дека се работи за уште еден таблет со кој доаѓа и дрвен сталак, всушност станува збор за музички плеер за аудиофили.

Vita има 11,6-инчен IPS FHD екран осетлив на допир и поддржува разни онлајн музички сервиси и најпопуларните аудио формати. Од сервисите поддржани се Spotify, Tidal, Pandora, Google Play Music и SoundCloud, а од аудио форматите MP3, OGG, AIFF, WAV, FLAC и ALAC.

Понатаму, Vita има можност за стримање на видео фајлови од YouTube кои можат да се прегледуваат или на вградениот екран или на телевизор преку HDMI кабел или преку вградената поддршка за Google Cast. Управувањето со плеерот е можно на повеќе начини – преку глас, далечински управувач или преку мобилните апликации (iOS и Android).

За сопствениците на поголема колекција на MP3-ки или музички фајлови од некој друг аудио формат, Vita овозможува нивно складирање на сопствениот хард диск или SSD. Во куќиштето има место за вкупно два такви уред, кои можат да бидат конфигурирани во RAID0 или RAID1.

Подеталните спецификации можете да ги прондајдете на официјалната страница на производителот, а цената за основниот модел без интерен простор за сместување изнесува 1599 долари.