Новата технологија на Qualcomm ќе овозможи до 15 отсто побрзо полнење на батеријата и 30 проценти поголема ефикасност во однос на Quick Charge 4

Поголемиот дел од топ моделите паметни телефони претставени оваа година ги покренува Qualcomm процесорот Snapdragon 835, кој доаѓа со Quick Charge 4.0 технологија за брзо полнење на батеријата. При претставувањето на оваа технологија, од Qualcomm најавија дека QC 4 ќе овозможи до дваесет проценти побрзо и 30 отсто поефикасно полнење на батеријата и дека само пет минути полнење ќе биде доволно за пет часа работа на телефонот.

Оваа компанија вчера претстави подобрена верзија на технологијата за полнење Quick Charge 4+, која ќе донесе уште подобри и поефикасни резултати при полнењето на батеријата, а можеме да ја очекуваме во идните модели паметни телефони што ќе ги покренува Snapdragon 835. Плус верзијата на QC 4 ќе овозможи до 15 отсто побрзо полнење на батеријата и 30 проценти поголема ефикасност во однос на Quick Charge 4.

 

Quick Charge 4+ доаѓа со три подобрувања со кои телефоните ќе се полнат побрзо и поефикасно – два интегрирани чипа за управување со енергијата кои овозможуваат распределба на топлината, потоа „интелигентно термално балансирање” кое автоматски ја спроведува струјата преку помалку загреан чип и опцијата на „напредна сигурност”, односно следење на температурата на куќиштето и конекторот во исто време за да се избегне прегревањето. Исто така, температурата при полнењето ќе биде три степени пониска во однос на тековната Quick Charge технологија.

Првиот уред со Quick Charge 4+ е ZTE Nubia Z17, еден од хардверските најмоќни телефони, кој заедно со Snapdragon 835 процесорот, доаѓа со дури 8 GB RAM, има 128 GB интерна меморија и две камери на задната страна.