Новиот Surface Pro донесува за 50 проценти подобри перформанси и за 50 отсто подобар работен век на батеријата во однос на Pro 4

Microsoft денеска во Шангај го претстави новиот Surface Pro, што прв пат ќе почне глобално да се продава во 26 земји, наместо да биде само ексклузива за САД. Новиот лаптоп претставува освежена верзија на Surface Pro 4 моделот и не донесува големи измени на екстерниот дизајн во споредба со претходните два модела. На врвот на лаптопот се наоѓаат копчињата за вклучување и за звук, а уредот и натаму има еден стандарден USB Type-A порт, Mini DisplayPort, како и 3,5-милметарски приклучок за слушалки. Тоа значи дека Microsoft повторно го изостави USB Type-C и наместо него компанијата од Редмонд се потпира на Surface Connect портот.

За разлика од надворешните, интерните измени се во склад со актуелната понуда. Процесорот е надграден на Интеловата седма генерација Kaby Lake, а Microsoft истакнува дека  Surface Pro донесува за 50 проценти подобри перформанси и за 50 отсто подобар работен век на батеријата во однос на Pro 4, што изнесува 13,5 часа работа со едно полнење. Покрај ова, моделот со Core i5 процесор вклучува дизајн без вентилатори, додека Core i7 моделот има нов термален дизајн за потивка работа.

Изборот на дизајнот и боите на додатоците за новиот модел се поклопува со боите на Surface лаптопите. Type cover тастатурите ќе бидат понудени во Burgundy, Platinum, Graphite Gold и Cobalt Blue варијанти, а сите се брендирани под ознаката Signature Type Covers.

Интересно е дека во понудата ќе биде и cellular опција на Surface Pro лаптопот, што го чини прв таков во Pro линијата уреди. LTE моделите би требало да бидат достапни оваа есен, а Microsoft не ги објави нивните цени.

Новиот Surface Pro ќе биде достапен од 15. јуни, со почетна цена од 799 долари. Surface Pen и Type Cover ќе се продаваат посебно, по цени од 99 и 129 долари (159 долари за Signature Type Cover).

https://www.youtube.com/watch?v=TwWs2jIy4js