Уредот не е опасен за телото, а потенцијална му е примената во пејсмејкери и други импланти кои бараат напојување со струја 

Тим научници од американскиот колеџ UCLA и универзитот Конектикат осмислија батерија која се напојува со електрични импулси од човековото тело. Но, пред да помислите на научна-фантастика и хибриди на луѓе и роботи, мало појаснување. Се работи за „билошки суперкондензатор” кој користи набиени честички, иони, од течностите во човековото тело. Во превод електричните импулси кои природно се наоѓаат во човековото тело ја напојуваат „батеријата”.

Како што истакнуваат научниците, уредот не е опасен за телото, а потенцијална му е примената во пејсмејкери и други импланти кои бараат напојување со струја „Биолошкиот суперкондензатор” би работел во пат со уредот за претворање на топлината и движењата на човековото тело во електрична енергија.

 

 

„Спојувањето на овие два уреда може да произведе неограничена количина енергија за доживотно функционирање на вградените медицински импланти”, истакна при претставување на истражувањето, Махер Ел-Кади, еден од коавторите на студијата.

Предноста на „биолошкиот суперкондензатор” е во големината. Модерните пејсмејкери се дебели 6 до 8 милиметри и со големина на просечна монета, а половина од неговата големина отпаѓа на батеријата. Новиот „биолошки суперкондензатор” е дебел само 1 микрометар, што  е потенко од човековата коса, а може да се прилагоди на движењата на телото без никакви механички оштетувања. Покрај тоа, капацитетот му е поголем од литиумските батерии што моментно се користат во пејсмејкерите.