Традиционалната програмерска конференција на Apple наречена WWDC ќе се одржи за три недели во Сан Хозе, а веќе дознавме дека на неа, освен новите верзии на сите оперативни системи, би требало да бидат претставени новиот 10,5-инчен iPad Pro и првиот паметен звучник на Apple.

Сега, пак, од Bloomberg дознаваме и некои нови информации. На годинашната WWDC наводно ќе бидат претставени и освежени MacBook лаптопи, како одговор на неодамна презентирната линија на Microsoft Surface преносници.

Надградбата со новата генерација Kaby Lake процесори на Intel би требало да ја добијат три модели. Пред се, тука е MacBook Pro серијата што беше редизајнирана во октомври минатата година. MacBook (12 инчи) и 13-инчниот MacBook Air исто така би требало да го добијат новото „срце” на Intel, со што корисниците би имале поголем избор на нови преносници со нови спецификации. Однадвор изгледот на овие споменати модели би требало да остане непроменет.

Да потсетиме, Apple по претставување на најновата генерација MacBook Pro доби критики на сметка на процесорската сила на овие модели, бидејќи компанијата создаде лаптопи кои се инфериорни на конкуренцијата и се оптимизирани за помала потрошувачка на батерија наместо да се фокусираат на перформансите. За дваесетина дена ќе видиме дали новата MacBook линија ќе успее да ги смири овие два света.