Microsoft го претстави новиот Surface лаптоп што е своевиден одговор на Chromebook. Истовремено е представен и Windows 10 S, што би требало да биде одговор на Microsoft на Chrome OS.

Многу елегантно и атрактивно дизајниран новиот Surface лаптоп има од левата страна по еден USB 3.0 (Type-A), mDP и 3,5 милиметарски аудио порт, додека од десната страна се наоѓа само Surface Dock конекторот (се продава посебно од лаптопот и чини 200 долари).

Surface лаптопот има 13,5-инчен PixelSense екран со Gorilla Glass 3 заштита  (Осетлив на допир, формат 3:2, резолуција 2.256х1.504 пиксели), куќиште со дебелина до 14,48 милиметри и тежина од 1,25 килограми. Над тастатурата поставена е Alcantara, материјал кој потсетува на кожа, но всушност се работи за вештачки материјал сочинет од 68 проценти полиестер и 32 проценти полиуретан. Копчињата имаат клик од 1,5 милиметри и секако заднинско осветлување.

Овој преносник ќе работи на посебната верзија на Windowsa 10 – Windows 10 S, што ќе допушта само инсталација на апликации од Microsoft Store. Поради тоа се очекува подобра автономија на батеријата и пониска цена. Преносникот ќе биде достапен во четири бои – Platinum, Burgundy, Cobalt Blue и Graphite Gold.

Microsoft службено го претстави и Windows 10 S. Уредите што ќе работат на оваа верзија ќе бидат подготвени ова лето и нивната цена ќе се движи од 189 долари па нагоре. Microsoft посебно нагласи дека Windows 10 S ќе ја поддржуваат целата периферна опрема – како и „вистинскиот” Windows 10.

Исто така, од Microsoft порачаа дека од моментот на вклучување на лаптопот со Windows 10 S до појавување на екранот за пријава ќе поминат најмногу до 15 секунди, односно преносникот во овој период ќе биде подготвен за работа. Windows 10 S ќе биде бесплатен за сите училишта што порано ја набавиле лиценцата за Windows 10 Pro. Покрај тоа, Microsoft на училиштата ќе им овозможи бесплатно користење на своите апликации – Minecraft: Education Edition и Office 365 for Educations with Microsoft Teams.

https://www.youtube.com/watch?v=74kPEJWpCD4

Судејќи според спецификациите, Surface лаптопот е повеќе замена за MacBook Pro отколку за Chromebook како што првобитно се мислеше. Освен ако под одговор за Chromebook не се мислеше на скапиот Chromebook Pixel на Google и Chromebook Plus на Samsung. Во продажба ќе се најде од 15 јуни во конфигурации со Core i5 и Core i7 процесори и со 4 GB до 16 GB RAM и до 512 GB простор за податоци (SSD). Батеријата на преносникот според наводите на производителот би требало да овозможи до 14,5 часа видео репродукција.

Зависно од избраната конфигурација, за Surface лаптопот ќе биде потребно да се издвои помеѓу 999 и 2.199 долари. Деталните спецификации се достапни на официјалната интернет страница на Microsoft.